Пу-пу не важи: Се отвора вратата за „вечниот Шкупи“ пак да игра Прва лига

Ниту новото раководство на КФСМ не може да побегне од лошите навики на своите претходници, кои му обезбедија на Шкупи загарантирано место во Првата лига. За потсетување, тимот од Чаир минатата сезона ја заврши со порази на буквално сите натпревари, воедно и два меча воопшто не одигра за што не доби соодветна санкција (преселба во понизок ранг на натпреварување), но сега Перо Антиќ и неговите соработници ја отвораат вратата за Шкупи да остане дел од елитата.

За трагедијата да биде уште поголема, сето ова по теркот на неговиот претходник Петар Наумоски, кој даде зелено светло за такво нешто откако доби согласност од сите клубови за зголемување на лигата и прифаќање на Шкупи, откако и лани истиот клуб ги проби сите рокови за пријава. За вклучување на Шкупи било дискутирано и на денешниот состанок на Управниот Одбор, но членовите гласно се спротивставиле на идејата овој клуб повторно да добие привилегиран статус.

Во таква ситуација Антиќ и комесарот Гечевски се решаваат за ланската тактика на Наумоски, целата ситуација да ја протнат преку прволигашите, па потоа да се обидат да се дистанцираат од одговорноста. Проблеми има два, што претседателот Антиќ на претходниот Управен Одбор донесе одлука за лига со 11 клубови, беше извршено и извлекување на календарот. Второ, со самото тоа Антиќ ја поништи самата покана дадена до КК Ангели како најдобар второлигаш да се приклучи на елитата, па сега не постои начин Шкупи директно да биде внесен без во целата приказна да биде вклучен овој клуб од Кисела Вода.

Мотото „Спортот на спортистите“ и „без политика“ требаше да биде заштитен знак на новото раководство, кое пред само неколку дена најави почитување на правилата, а сега се подготвува да ја наведне главата „за повисоки цели“. А од таквите „повисоки цели“ кошарката ниту некогаш имала, ниту пак ќе има било каква корист.

Се вчитува...