Работнички го „обои“ Скопје во „црвено-бело“

Третото вечно дерби оваа сезона му припадна на Работнички кој во заостанатиот натпревар од 12. коло славеше на гостувањето во Аеродром против МЗТ Скопје со 74-75. Двата тима одиграа одличен натпревар кој беше одлучен во самиот финиш на средбата, а херојот на „црвено-белите“ е Мирко Мулалиќ кој ја донесе победата за својот тим со тројка на 25 секунди до крајот.

Одбраната беше во преден план на отварањето на натпреварот. МЗТ Скопје одигра цврсто под рекетот каде ги оневозможи високите играчи на Работнички, а агресивната одбрана на Тарнер над Питс го наруши напаѓачкиот ритам на „црвено-белите“, кои се одржуваа во игра благодарение на шутот од дистанца на Мулалиќ. Избраниците на Мираковски немаа решение за расположениот Олуџоби кој постигна 11 поени на спротивната страна, нему му се приклучи и Крстевски кој одигра добро во „пик ситуациите“ па домаќините поведоа со 21-13 по 10. минути игра. Влезот на Младеновиќ донесе свежина во играта на Работнички, а тоа се одрази во продолжението од првото полувреме. Во прав момент блесна и Тортон кој одигра одлично на двете страни од паркетот, Американецот погодуваше и зад линијата 6,75, па центарци постојано ја намалуваа предноста. МЗТ Скопје не успеа да го пренесе добриот ритам во нападот до крајот на полувремето, изгубените топки скапо ги чинеа аеродромци, но и покрај тоа домашниот состав на полувремето замина со предност од 41-40.

Односот на паркетот не се промени ниту на отварањето на второто полувреме. Во играта „кош за кош“ подобро се снајде Работнички кој благодарение на добрата „рола“ на Младеновиќ и Младеновски стигна до предност од пет поени во два наврати, но МЗТ Скопје успеа да се одржи во игра преку шутот за три поени на самиот крај на третата четвртина, па по 30. минути игра на семафорот стоеше предност од 60-64 за гостинскиот состав. Одбраната одлично функционираше кај МЗТ Скопје на отварањето на одлучувачката четвртина, „сино-белите“ дозволија само два поени за речиси шест минути игра, а преку добрата игра во рекетот и шутот за три поени поведоа со 71-66.

Работнички возврати со поени преку „пик“ играта на Питс и центрите, па успеа да се врати до негатива од еден напад, додека МЗТ Скопје се обидуваше да ги искористи четирите лични грешки на Младеновски преку Олуџоби во рекетот. Македнецот во два напада одигра одлична одбрана над Американецот, а тоа го искористи Мулалиќ на спротивната страна кој со тројка на 25 секунди до крајот донесе предност за Работнички (74-75). МЗТ Скопје не успеа да поентира преку Гравет во следниот напад, „сино-белите“ не успеаја ни да ги пратат кошаркарите на Работнички на линијата на слободни фрлања па победата му припадна на гостинскиот состав.

Адем Мекиќ беше првото име кај домаќините со 18 поени и 4 скока, додека со по 15 поени него го следеа Крстевски и Гравет. Македонецот додаде 5 скока, додека Американецот натпреварот го заврши со 3 скока. Мирко Мулалиќ и Филип Бундовиќ беа предводници на гостите со по 16 поени, додека Тортон натпреварот го заврши со 14 поени и 3 скока.

Се вчитува...