Работнички го „потопи“ Пелистер (4-0) и го испрати на дното (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Работнички славеше убедлив триумф (4-0) над Пелистер во првиот натпревар од 29.коло во Првата фудбалска лига на Македонија.  „Романтичарите“ ја остварија третата победа во последните четири меча под раководство на Ѓоре Јовановски и се зацврстија на четвртата позиција на табелата со 38 бода, гледајќи напред и кон третопласираниот Силекс. Пелистер со овој пораз во моментот падна на последното место, останувајќи со 25 бода, колку што има и Скопје, кој во моментов игра против Академија Пандев.

„Романтичарите“ беа подобар ривал на овој натпревар и заслужено стигнаа до бодовите. Во седмата минута, Серџо јуниор по одличен пробив на левата страна ја погоди гредата, но одбраната на Пелистер го издржа првото полувреме без примен погодок. Сепак, потоа на составот на Неџат Хусеин, кој од ова коло е на кормилото на „зелените“ по заминувањето на Марјан Секуловски, му се случи потоп.

Виктор Ангелов во 54.минута донесе водство за Работнички, а Кире Маркоски зголеми на 2-0 во 65.минута. Само две минути подоцна „романтичарите“ постигнаа и трет гол, а стрелецот беше ист – Кире Маркоски. Серијата голови во мрежата на Илче Петровски ја затвори Чарлс Гофри во 70.минута.

Во моментот се играат останатите мечеви од 29.коло. Победа води против Вардар со 1-0, со голот на Благоја Гешоски, а и Силекс има водство против Ренова од 1-0, стрелец беше Александар Пановски. Нема голови на дуелите Скопје – Академија Пандев и Шкендија – Шкупи.

 

Се вчитува...