Работнички изгоре во Аеродром: ‘Плус’ 21 за ‘сино-белата’ страна на Скопје

МЗТ Скопје стигна до петтата последователна победа откако на домашен терен го разби Работнички во првото лигашко вечно дерби со 87-66. Избраните на Дарко Радуловиќ одиграа одлична одбрана со која ги лимитираа клучните играчи на гостинот, со агресивната одбрана го запреа протокот на топката, ја добија скок играта и во ниеден момент не ја испуштија победата од раце.

Добриот проток на топката носеше лесни поени за Работнички на почетокот на натпреварот, но не му требаше долго на МЗТ Скопје да го наметне своето темпо. Украдените топки на ‘сино-белите’ ги анулираа поените на ‘црвено-белите’, а со агресивната одбрана на бековската линија и добрата игра во рекетот домаќините го превземаа водството кое по 10. минути игра изнесуваше 25-17. Одбраната продолжи да биде адут на МЗТ Скопје и во втората четвртина. Работнички беше приморан да се осврне кон индивидуалните квалитети на Џексон, кој избраниците на Радуловиќ го лимитираа. Промашените обиди беа реализирани на спротивната страна за водство од дваесет разлика. На гостите не им беше во полза ниту третата лична грешка на Џексон па до крајот на првото полувреме предноста се искачи на +24 (52-28).

Работнички заигра подобро на отварањето на второто полувреме во кое беше реализиран и првиот обид за три поени, но ниту МЗТ Скопје не го загуби моментумот. Долгата клупа носеше свежина во нападот и одбраната па преку сигурната реализација аеродромци во еден момент се искачија и на +33 (58-35). Од овој момент Работнички заигра со младите домашни играли кои до крајот на третата четвртина успеаја да ја намалат негативата на 69-41. Последните десет минути беа само формалност во која МЗТ Скопје продолжи да се подготвува за престојниот турнир во АБА2 лигата па на момент ја зголеми позтивата на +36 (82-46), а отпуштањето на крајот го искористи Работнички за да го ублажи поразот.

Крстевски со 18 и Робев со 16 поени беа најефикасни во победничкиот табор, додека кај поразените 14 постигна Џексон Пол.

Се вчитува...