Работнички му покажа на ТФТ кој е кој во мак-баскетот

Работнички со извонредна офанзивна партија славеше со 105-92 во градската пресметка против ТФТ, нанесувајќи му го на тимот од Тафталиџе првиот овосезонски пораз на домашната сцена. „Центарци“ одиграа импресивно, имаа контрола над резултатот, а во моментите кога гостите влегоа во серија и опасно се приближија, избраниците на Тони Симиќ најдоа одговор и на крајот заслужено се радуваа на победата.

Првата четвртина донесе израмнета борбасо многу пресврти, а резултатот на семафорот по десет минути игра гласеше 28-29. Работнички конечно заигра далеку подобро во одбраната, на спротивната страна продолжи да го полни кошот на ТФТ, па „центарци“ на одмор заминаасо водство од убедливи 62-49. Домаќините на почетокот од третата четвртина имаа и „плус 17“ (71-54), но гостите не се откажаа и до крајот на четвртината намалија на 85-78.

ТФТ се обиде целосно да се врати, солидно парираше до нешто повеќе од три минути до крајот, кога преку Хортон намали на 95-92, но Работнички одговори на предизвикот кога беше најважно. Мацура беше прецизен од линијата за слободни фрлања, а Горјан Марковски погоди тројка со која го откажа гостинскиот состав, за „центарци“ на крајот заслужено да слават со двоцифрена позитива (105-92).

Пол беше извонреден во тимот на Работнички со 29 поени и 15 асистенции, Горјан Марковски реализираше 20 поени за победничкиот тим,додека кај гостите најефикасни во денешниот пораз беа Костоски со 25 и Хортон со 22 поени.

Се вчитува...