Работнички не се откажува од Европа – нова апликација до ФИБА

Работнички не успеа во желбата во следната сезона да биде дел од Лигата на шампионите на ФИБА, но најтрофејниот македонски кошаркарски колектив не се откажува од желбата да учествува во европските купови. Токму затоа, раководството на клубот од „Градски парк“ во текот на денешниот ден испратило нова апликација до ФИБА, овојпат за учество во Европа купот.

Станува збор за натпреварување што е второ по квалитет во организација на европската куќа на кошарката. Во таборот на Работнички се оптимисти дека ќе добијат зелено светло за да бидат дел од Европа купот, што ќе претставува камбек на „црвено-белите“ во европските натпреварувања по пауза од повеќе од десет години. Информациите велат дека ФИБА на почетокот од следната седмица ќе ги објави имињата на екипите чии апликации ќе бидат прифатени, а шансите на Работнички се големи бидејќи оваа екипа е единствената од Македонија што аплицираше да учествува во ова натпреварување.

Само за потсетување, европската куќа на кошарката синоќа ги објави имињата на екипите што ќе учествуваат во Лигата на шампионите на ФИБА, при што Карпош соколи како вицешампион на Македонија (првакот МЗТ Скопје воопшто не аплицираше) доби можност да биде дел од првото квалификациско коло од ова европско натпреварување.

Се вчитува...