Работнички останува непобедлив во Првата лига

Работнички останува единствен непобедлив тим во Првата лига во кошарка, откако „центарци“ го добија вечерашниот натпревар против Пелистер со резултат 81-70. Битолчани настапија ослабени, без помошта на Думиќ и на Мекиќ, но дури и со таков состав во долг дел од мечот одлично му парираа на големиот фаворит.

На одмор се замина со водство на Работнички од 39-36, а во 27. минута резултатот беше израмнет (49-49). Тогаш избраниците на Димитар Мираковски „додадоа гас“, заиграа во својот препознатлив ритам и до крајот на четвртината ја кренаа предноста на 58-49, пред Враниќ со тројка да намали на 58-52. Сепак, Работнички беше влезен во налет што битолчани не можеа да го запрат, „центарци“ лесно стигнаа до двоцифрена предност што потоа рутински ја задржаа, за продолжување на победничката серија.

Бенџамин одигра извонреден натпревар реализирајќи 27 поени, Мијатовиќ постигна 17 поени, а Лесколт имаше дабл-дабл од 15 поени и 10 асистенции. Враниќ со 21 и Казарновски со 19 поени беа најефикасни во таборот на Пелистер.

Се вчитува...