Работнички повторно се најде на тапет на ФИБА откако загуби уште еден случај пред спортскиот суд БАT за стари долгови поради кои на „центарци“ им се заканува забрана за трансфери. Овојпат станува збор за менаџерот Акос Вегвари, кој го доби судскиот спор против Работнички заради долговите што македонскиот спортски колектив ги има кон овој агент кој посредувал во трансферот на Маркус Гинјард.
По разгледаните докази, донесена е одлука македонскиот вицепрвак да го исплати долгот од 6.350 долари, плус камата од 5%, плус пенали за задоцнетото плаќање. Покрај тоа, „центарци“ ќе треба да ги покријат и трошоците на правниот тим на Вегвари, како и својот дел од трошоците за случајот, или севкупно гледано – Работнички ќе треба да исплати нешто над 7.000 долари и над 6.000 евра.
И ќе беше полесно ако барем се добиеше впечаток дека лекцијата е научена, но ова е вторпат во нешто повеќе од две години Работнички да губи на БАТ и да плаќа високи суми како казна за доцнењето, откако во април 2018 го загуби и случајот со Дарко Чохадаревиќ, кому му беа исплатени 39.000 евра.
Проблемот е и повеќе од очигледен, за оној што сака да го види – Работнички во последните две години го загуби имиџот на спортски колектив, туку се повеќе наликува на „one man show” на градоначалникот Саша Богдановиќ. Тој објави дека клубот ќе игра во АБА2, но се чини дека линијата на нормалност е мината кога Богдановиќ почна по социјалните мрежи да ги обелоденува и трансферите на нови кошаркари.
Голем број градови и општини во регионот инвестираат во спортските колективи, па не гледаме Бандиќ да ги најавува новите фудбалери на Динамо Загреб или белградскиот градоначалник Радоичиќ да објавува со кого потпишуваат спортските гиганти кои сигурно добиваат дел од општинските пари.
Ако Работнички е клуб со реноме и историја каков што навистина е, треба и да почне да се однесува како таков. Не може во сезона во која се влегува во АБА2 се уште да се биде без официјална веб-страница и одговорно лице за контакт, тренерот да се крие од новинари како од ѓаволи, а да нема ниту едно одговорно лице за контакт во управата, кое ќе информира за сите случувања во клубот.
Битката на Богдановиќ не смее да биде уште еднаш да се попушти за „Градски Парк“, туку клубот да се постави на здрави нозе почнувајќи од администрацијата, па се до стручниот штаб и највисоката управа.
Се друго ќе биде продолжување на ова „one man show” кое не само што е трагикомично за еден спортски клуб што згора на тоа е најтрофеен во мак-баскетот, туку и носи значителни финансиски загуби со сите овие судски случаи што се губат.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА