Работнички поведе во четвртфиналната серија против ТФТ

Кошаркарите на Работнички поведоа со 1-0 во четвртфиналната серија против ТФТ во македонскиот шампионат, откако во првиот меч на домашен терен славеа со 72-65.

Првото полувреме помина во израмнета игра од двата тима, а гостите од скопската населба Тафталиџе уште еднаш покажаа дека во дебитантската сезона се достоен противник и на најголемите македонски клубови. По 20 минути игра избраниците на Боро Смилковски заминаа со негатива од само два поени 36-34.

Натпреварот продолжи во егал и во третата четвртина по која „центарци“ имаа само еден поен предност (51-50). Сепак, до крајот пресуди поголемото искуство на домаќините кои со одлична игра во последниот период успеаја да стигнат до конечен триумф од 72-65.

Најдобар поединец во победничкиот табор беше Демиер Питс со 16 поени, додека еден помалку уфрли Иван Аска. Кај поразените Брендан Бејли натпреварот го заврши со 17 поени.

Се вчитува...