Работнички пример за менаџмент со млади фудбалери: Уште еден „романтичар“ кон европските висини

Италијанските медиуми денеска издвојуваат сериозен простор за еден од најголемите македонски таленти Лука Станковски кој од јуни се сели во Монца, фудбалскиот клуб на Силвио Берлускони.

Италијанците пренесуваат дека Звонимир Бобан е најзаслужниот, по отворените препораки, за трансферот на Станковски во второлигашот со амбиции за Серија А, денеска дополнувајќи, иако неофицијално, дека Берлускони и Галијани исплатиле еден милион евра на Работнички за трансферот на фудбалерот од средниот ред.

А, овој последен трансфер е само уште една потврда за извонредниот менаџмент со млади фудбалери кој долги години наназад го практикуваат „романтичарите“. Без сомнение и единствен пример во Македонија за начинот на кој функционира вистинскиот фудбалски менаџмент, како начин и за самоодржувачки проект во домашниот спорт. Производство или идентификација на талентиран фудбалер, вистинска промоција на домашната сцена, издвојување на квалитетот и трансфер реализација.

Лука Станковски е само уште еден од низата млади фудбалери на Работнички, меѓу кои Дарко Велковски, Даниел Аврамовски, Дамјан Шишковски, Елиф Елмас, Милан Ристовски, Давид Тошевски…, кои се вивнаа кон европскиот фудбал.

Се вчитува...