Работнички се пријавува во ЛШ на ФИБА?!

Раководството на Работнички со големи амбиции ќе влезе во новата сезона, откако раководството на клубот од „Градски парк“ искажало сериозен интерес за учество во Лигата на шампионите на ФИБА. Станува збор за натпреварување во кое право за настап има една екипа од Македонија. МЗТ Скопје како шампион минатата сезона одби да биде дел од ова натпреварување, бирајќи настап во Еврокупот пред ЛШ, а како што стојат работите „металците“ сезонава нема да се натпреваруваат во Европа, пред се поради укинувањето на правилото со кое учество во две регионални натпреварување значеше прескокнување на првиот круг од натпреварувањето во македонското првенство.

МЗТ Скопје ќе ја избере АБА-лигата, а Работнички нема намера да биде дел од новоформираната „Втора лига на АБА“. Наместо тоа, челниците на најтрофејниот македонски клуб многу посериозно ја разгледуваат опцијата за учество во Лигата на шампионите на ФИБА. Македонскиот претставник ќе мора да игра квалификации за да се пласира во елитното натпреварување организирано од страна на ФИБА, но тоа не им претставува проблем на „црвено-белите“, за кои ЛШ е многу поголем предизвик отколку евентуалниот настап во „Втората лига на АБА“.

Во следните неколку дена би требало да биде официјално испратена апликацијата на Работнички до европската куќа на кошарката, со што „црвено-белите“ би учествувале во ждребот за првото квалификациско коло. Потоа би се пристапило кон „потешкиот дел на задачата“, формирање на екипа што достојно ќе го претставува Работнички при камбекот во европските натпреварувања. Договорот на Марин Докузовски е истечен, но се очекува истиот да биде продолжен бидејќи и кај двете страни постои желба за продолжување на соработката. Потоа ќе почнат и преговорите со нови кошаркари, при што желба на раководството е повторно „базата“ да ја формираат квалитетни домашни играчи, овојпат засилени со тројца странци со кои Работнички би имал респектибилен тим за во Европа, но и за атак на титулата во домашното првенство.

Се вчитува...