Работнички се врати на терен и пак загуби, голема победа на Кожув

Кожув оствари извонредна победа на гостински терен против Работнички, триумфирајќи среде Скопје со 78-81, трет триумф за избраниците на Алек Јончевски во последните четири прволигашки средби. За Работнички ова беше прв меч по паузата поради која „центарци“ не отпатуваа на турнирот во Бања Лука од АБА2-лигата, а резултатската криза на тимот предводен од Димитар Мираковски уште повеќе се продлабочи со денешниот пораз, трет во последните четири кола за оваа екипа.

Кожув подобро го отвори мечот, поведе со 1-5 на самиот почеток, одржувајќи ја предноста до крајот на стартната четвртина (20-25). Работнички беше подобар противник само во втората четвртина, пред се поради добрата одбрана што им дозволи на гостите да постигнат само 12 поени („центарци“ постигнаа 22), па актуелниот вицепрвак на одмор замина со 42-37.

Кожув се врати во својот препознатлив офанзивен ритам во второто полувреме, а пресудна беше серијата од три тројки на Симоновски, Лок и на Караџовски, со која гостите од Гевгелија поведоа со 68-78 на три минути до крајот. „Центарци“ се обидоа да сторат нешто повеќе, но гостинскиот состав беше доволно искусен да не дозволи сензационален пресврт и Кожув на крајот триумфираше со 78-81.

Силаџи со 18 и Станојевиќ со 17 поени беа најефикасни кај Кожув, додека единствена светла точка кај Работнички беше Кире Николовски, чии 29 поени сепак беа недоволни за да се избегне пораз.

Се вчитува...