Работнички со една фуриозна четвртина го освои Кавадарци

Работнички забележа значајна победа од 83-84 на гостувањето во Кавадарци против Еуро Никел, како успешна увертира пред заминувањето за Сарајево и настапот на третиот турнир од АБА2 лигата. Избраниците на Мираковски одиграа беспрекорна прва четвртина во која постигнаа 30 поени, што и покрај падот во остатокот од мечот сепак се покажа доволно за да стигнат до победата.

Шутот од далечина функционираше беспрекорно за „центарци“ во првите десет минути, Кире Николовски постигна четири тројки од исто толку обиди, Балмазовиќ имаше 2/2 од оваа позиција, па Работнички ја доби оваа четвртина со убедливи 11-30. Домашните кошаркари покажаа карактер и не се предадоа, па од минута во минута ја топеа негативата. На одмор се замина со резултат 39-50, а потоа Еуро Никел ја доби третата четвртина со 21-12 и најави неизвесен финиш во последните десет минути од мечот. Со тројката на Јане Петровски домаќините поведоа со 65-64, но Работнички возврати со серија од осум поени, стигнувајќи до предност што ја задржа до самиот крај.

Завршницата беше интересна, Соколов погоди две слободни фрлања за 83-84, по што Питс не реализираше два „пенали“ за гостите од Скопје. Сепак, последниот обид за тројка на Џексон беше неуспешен, па „центарци“ ја задржаа минималната предност до самиот крај.

Бундовиќ имаше одлично деби во дресот на Работнички и со 27 поени и 12 скокови го предводеше актуелниот вицешампион до триумф, во кој значаен придонес дадоа и Николовски (17 поени и 8 скокови) и Балмазовиќ (12 поени). Најефикасни кај Еуро Никел беа Џексон со 22 поени и Рикиќ со 17 поени и 15 скокови.

Се вчитува...