Работнички тестираше и положи – триумф над Вардар за враќање на победите

Работнички им се врати на победите откако во заостанатиот натпревар од 16. коло славеше на домашен терен против Вардар со 92-72. Тренерот Мираковски на овој дуел ги одмараше клучните играчи и настапи со променет состав во однос на оној кој беше стандарден во последните натпревари, а дебито во „црвено-белиот“ дрес одлично го искористи Иван Аска.

Како на почетокот на сезоната, избраниците на Мираковски на овој дуел повторно се осврнаа на шутот од далечина (10/32), кој не беше во знакот на центарци, меѓутоа кошаркарите во домашниот состав успеаја да го исконтролираат скокот, одиграа добро во одбраната и дозволија само 10 поени од транзиција на Вардар со што го олеснаа патот до победата.

Натпреварот започна во изедначено темпо уште од стартот. Двата тима се мачеа да го најдат напаѓачкиот ритам, а во скромните, први 10. минути, Вардар стигна до минимална предност од 18-19. Работите не се променија драстично ни до самиот крај на првото полувреме. Работнички ја користеше предноста во висина во рекетот каде го имаше одличниот Аска кој постигна 19 поени во овој дел од мечот, додека Вардар се потпре на расположениот Богдановиќ и неговите 12 поени па на семафорот стоеше резултат 38-38.

Домаќините иницијативата ја земаа во свои раце уште на отварањето на второто полувреме во кое на крилјата на Ефремовски и Питс стигнаа до двоцифрена предност (54-43), а истата не ја испуштија до крајот на третата четвртина (67-57). Вардар запрети на почетокот на последните десет минути, но избраниците на Мираковски не дозволија изненадување. Центарци продолжија да ја контролираат играта до самиот крај на натпреварот, запишувајќи нов триумф во Првата лига.

Иван Аска со 30 поени и 8 скока беше првото име во домашниот состав, додека него го следеше Дамиер Питс со 25 поени, 4 асистенци и 4 украдени топки. Виктор Ефремовски дуелот го заврши со 15 поени и 4 скока, додека еден скок го делеше Бундовиќ до дабл-дабл учинок надополнет со 13 поени.

Диксон Дикембе беше првото име во Вардар со 19 поени и 9 скока, 17 поени и 4 асистенции додаде новото засилување Михајло Богдановиќ, додека со 10 поени и 4 скока натпреварот го заврши Марко Дијковиќ.

Се вчитува...