Работнички врза три победи, шоу на Питс против Куманово

Работнички за првпат оваа сезона успеа да врзе три победи во рамките од Првата лига, откако „центарци“ славеа во денешната пресметка со Куманово со резултат 79-72. Ова е вкупно петти триумф во низа за „црвено-белите“ ако се земе во предвид и завршницата од АБА2-лигата, предзнак дека Работнички се буди токму во пресрет на клучниот дел од оваа натпреварувачка сезона. За Куманово ова беше прекин на серијата од три победи, но „сино-белите“ се на добар пат да обезбедат место во плејофот, со оглед на фактот дека во досегашните 16 одиграни средби имаат скор од 10-6.

Кумановци фуриозно го почнаа мечот поведувајќи со 0-13, пред Младеновски на истекот на четвртата минута да ги постигне првите поени за Работнички на натпреварот. „Центарци“ успеаја да се вратат и ја завршија првата четвртина со минимална негатива од 20-22, по што во вторите 10 минути можеше да се проследи израмнета игра на двете страни. Куманово замина на одмор со минимално водство од 37-39, а куриозитет е што само тројца кошаркари од тимот на Работнички во првото полувреме се запишаа меѓу стрелците (Питс, Младеновски и Бундовиќ).

Дуелот беше израмнет се до почетокот од последната четвртина, кога проработе нападот на Работнички, Младеновиќ и Мулалиќ погодија тројки, Питс го продолжи „шоуто“ со поени под прекршок, па предноста експресно порасна на 64-55. Кумановци предводени од Ѓекиќ се приближија, но Ефремовски погоди тројка во клучен момент за Работнички, по што скопскиот клуб не дозволи триумфот да му биде доведен во прашање и на крајот славеше со 79-72.

Американскиот плејмејкер Питс одигра одличен меч со 32 поени и пет асистенции, а во извонредно светло се прикажа и Младеновски, остварувајќи дабл-дабл од 18 поени и 14 скокови. Ѓекиќ со 25 и Ливингстон со 23 поени беа најефикасни во редовите на Куманово.

Се вчитува...