Работнички конечно си заминува од „Градски Парк“, откако со години наназад овој поранешен кошаркарски храм беше причина за конфликт меѓу најтрофејниот клуб, неговите ривали и претставниците на федерацијата. На „центарци“ дефинитивно им стана јасно дека салата во која настапуваат со години наназад повеќе не е функционален спортски објект, па го потврдиле своето заминување до раководството на КФСМ, а во завршна фаза се разговорите за нова сала-домаќин на Работнички.
Тоа ќе биде големата сала од СРЦ „Кале“, објект што го раководат челниците на КФСМ, а претседателот Перо Антиќ уште пред извесно време најави дека термини во салата би можеле да бидат дадени на располагање на клубови кои би играле во највисокиот систем на натпреварување.
Локациски сместена од другата страна на Вардар во однос на „Градски Парк“, салата „Кале“ е идеален избор за раководството на Работнички, кое како опција имаше и преселба во „СЦ Борис Трајковски“, но сепак на крајот го избра „Кале“ за свој нов дом. Се очекува разговорите меѓу Работнички и КФСМ да финишираат до крајот на оваа седмица, по што „центарци“ ќе ја официјализираат преселбата во нова арена.
Работнички првиот домашен натпревар во новата сезона ќе го игра против големиот ривал МЗТ Скопје, на отворањето на новата кошаркарска сезона во мак-баскетот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА