Работник го торпедираше Вардар јуниор, на ред е Берн

Ракометарите на Работник го завршија првиот круг од Супер-лигата со максимални 9-0, откако денеска во првиот меч од деветтото коло без многу мака го совладаа тимот на Вардар јуниор со резултат 40-23. Битолчани немаа достоен ривал во гостите од Скопје, покажувајќи беспрекорна игра во нападот што сигурно е одлична вест во пресрет на двомечот од Купот на ЕХФ против Берн.

Вардар јуниор парираше само петнаесетина минути, резултатот последен пат беше израмнет на 4-4, гостите потоа имаа „минус два“ до 11-9, по што Работник постигна четири гола во низа, пред домашниот тим на одмор да замине со убедливи 20-12. Веќе на самиот почеток од вториот дел домашните ракометари ја имаа и првата двоцифрена предност (23-13), по што Работник продолжи со доминацијата се до самиот крај и конечните седумнаесет гола разлика.

Гоце Ојлески беше прв стрелец во победничкиот тим со осум гола, по шест постигнаа Ивановиќ и Џукиќ, додека кај Вардар јуниор одличен меч одигра Мишевски, постигнувајќи десет погодоци.

Се вчитува...