Радески пред дерби пресметката: Нема збор дека Шкендија ќе биде шампион!

Македонскиот репрезентативец Марјан Радески на најдобар можен начин се враќа на терените во дресот на Шкендија по паузата од девет месеци поради повреда. Крилниот офанзивец донесе триумф против Ренова во претходното коло, а сега повторно се очекува да добие минутажа и на дерби дуелот од 28. коло в недела против Вардар во Скопје.

Радески вели дека напорно работел за да дојде повторно до посакуваната форма сега верувајќи дека ќе биде оној препознатливиот од пред една година.

„Со нетрпение чекав да се вратам, работев напорно и за среќа навистина одлично се чувствувам на теренот за што им благодарам на тренерот и соиграчите. Моја желба е никој да не ја почувствува тежината на повредата која ја имав јас и никој да не минува низ еден таков период“ – вели Радески и дополнува:

„Но, се уште не сум во најдобра форма. Ме чека уште многу работа. Ова е за мене еден нов почеток. Тимот и техничкиот персонал максимално ме поддржуваат, па сигурен сум дека наскоро повторно ќе го имаме ‘стариот Радески’“.

А, во пресрет на дерби пресметката со Вардар, Радески потенцира дека воопшто не се сомнева околу тоа дали Шкендија ќе ја одбрани шампионската титула.

„Одбраната на титулата е сигурна. Ние сме незаменливи шампиони“ – категоричен е крилниот офанзивец на Шкендија.

Се вчитува...