Радуловиќ: Ќе бидеме уште подобри во полуфиналето

Стратегот на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ, е свесен за пропустите во играта на МЗТ Скопје на дуелот со Гостивар, најавувајќи уште подобри изданија на бранителот на трофејот во натамошниот дел од Купот на Македонија.

„Металците“ за ривал во полуфиналето ќе го имаат подобриот од мечот меѓу Феникс и Работнички.

„Поуки мора да вадиме од секој натпревар, така и од овој. Во второто полувреме ја кренавме одбраната на едно високо ниво. Дојдовме до предност од десетина поени, играчите малку се опуштија што придонесе противникот да се врати. Само ние примаме 19 тројки од Пелистер во Првата лига, 16 од Гостивар во Купот на Македонија, но она што е најважно е што денеска стигнавме до победата. Ова беше прв меч, малку бевме во грч, но верувам дека на вториот натпревар ќе бидеме уште подобри, ќе корегираме некои работи во одбраната бидејќи противникот што мислам дека ќе го добиеме игра слична кошарка како и Гостивар“, изјави Радуловиќ.

Задоволен од резултатот беше и Бојан Крстевски, кој го заврши натпреварот со 17 поени и 9 скокови.

„Најважно е да се дојде до победата, особено на вакви турнири на кои се нема право на грешка. Кај нас е евидентен заморот, но очекувам да играме уште подобро во наредниот период“, порача центарот на МЗТ Скопје и на македонската репрезентација.

Се вчитува...