Радуловиќ: Покажавме „фајтерски“ дух, моите момци беа вистински борци на паркетот

МЗТ Скопје стигна до 10. трофеј во Куп натпреварувањето откако во финалето на „Благоја Георгиевски – Буштур“ избраниците на Дарко Радуловиќ славеа против Работнички со 77-69. „Сино-белите“ одиграа одлично во текот на целиот турнир, во четвртфиналето имаа целосна контрола на натпреварот против Куманово, во полуфиналето лесно беше совладан тимот на Академија ФМП, додека во самото финале актуелниот шампион беше за ниво подобар од „црвено-белите“.

Она што избива во преден план од Куп турнирот во полза на аеродромци е играта во одбрана која потфрли единствено во третата четвртина против тимот на Куманово во која при водство од 25 разлика, „сино-белите“ го намалија интензитетот за она што следи па примија 32 поени. ФМП беше сведен на 48 поени за три четвртини, додека Работнички не ја надмина границата од 70 постигнати поени.

„Ова е најтешкото натпреварување за играње бидејќи за три дена имате три тешки натпревари и морате да победите на сите три, а притоа по победа немате ниту 24 часа, туку имате околку 10 часа за да се припремите за следниот протиник, да се мотивира тимот и да излезете на паркетот подготвени. Мојот тим покажа еден „фајтерски“ дух, беа вистински борци во текот на целиот турнир и одиграа херојски. Можеби добивме мал протор со оглед на тоа што ФМП го совлада Пелистер, но и ние бевме на ниво на сите средби. Добро ја користевме ширина на ростерот и сите играчи имаа своја улога. Самото финале како финале носи пристисок, а поготово фактот дека игравме со Работнички со кој дуелите се секогаш на една топка. Меѓутоа одигравме одличен натпревар, во одбраната бевме на највисоко ниво со многу малку грешки, ја добивме транзиција, ја добивме скок играта и заслужено стигнавме до трофејот. Денеска одмараме, а веќе утре започнуваме со подготовка за плејоф. Мораме да видиме во каква состојба се играчите, кој има некоја минмална повреда и што може да се санира бидејќи нема многу време“, изјави за ЕКИПА Радуловиќ.

По победата на вчерашниот натпревар во историјата на мак-баксетот се запиша и самиот тренер на МЗТ Скопје, Дарко Радуловиќ кој влезе во друштво со Јорданчо Давитков, Емил Рајковиќ и Марјан Србиновски како единствени кои го освојувале престижниот трофеј како играч и како тренер. Купот е освоен, а сега погледите се насочени кон двојната титула.

„МЗТ Скопје е екипа која секогаш атакува на трофеи па така ќе биде и во плејофот. Започнуваме со Куманово, противник кој мора да се сфати сериозно од првиот меч со цел да го одбраниме домашниот терен и да ја задржиме предноста на домашен терен. Но пред се мора прво да видиме во каква состојба се играчите па да тргнеме од тоа“, додаде тренерот на МЗТ Скопје.

Се вчитува...