Радуловиќ презадоволен: Ова е тој шампионски менталитет на МЗТ Скопје

Дарко Радуловиќ имаше причина за задоволство откако МЗТ Скопје одигра извонреден меч и го декласираше составот на Еуро Никел со убедливи 81-67.

Очекувањата беа дека репризата од ланското финале ќе донесе израмнета борба до самиот крај, но „металците“ доминираа на двата дела од теренот и заслужено стигнаа до рутинска победа над незгодниот ривал.

„Јас сум презадоволен – ова е тој шампионски менталитет на МЗТ Скопје што сите можеа да го видат. Ова што го велам не е само „про форма“, туку навистина го мислам дека, играчите беа вистински херои, одиграа неверојатно и во нападот и во одбраната, доминираа во скок-играта, имаа беспрекорна комуникација. Едноставно, се што беше договорено беше максимално исполнето, а не беше нималку лесно бидејќи настапивме со само осум играчи во ротација, од кои Мекиќ само два дена тренираше со нас по незгодната повреда на прстот. Оваа партија ми дава оптимизам дека овие момци, надополнети со засилувањата што ги очекуваме, повторно ќе имаат што да кажат во борбата за трофеи“, изјави Радуловиќ.

Се вчитува...