Рајн-Некар за Вардар: Големо име, многу прашалници

Вардар вечерва со почеток во 19 часот ќе го пречека Рајн Некар Левен во првиот дуел од баражот за влез во групната фаза од Лигата на Европа.

Станува збор за ривали што до пред неколку години добро се познаваа поради честите пресметки во Лигата на Шампионите, од кои на последните четири дуели македонскиот гигант има скор од три победи и едно реми. Во меѓувреме состојбата се промени, двата тима сега се со значително подмладен состав, а Вардар направи целосен ремонт летово, со што „црвено-црните“ денеска ќе ја имаат улогата на аусајдер.

„Големо име, многу прашалници“, гласи насловот на официјалната веб-страница на РНЛ за најавата на дуелот со Вардар. Во него, Германците се жалат што немаат премног материјал за анализа на противникот.

„Мораме да гледаме на себе. Имаме само две средби на Вардар што можевме да ги анализираме, но и по тие средби беа купени нови ракометари. Ќе мораме да импровизираме, па така за голманот Томовски бараме инсерти од времето кога играше за Лудвигхаузен. За време на мечот ќе увидиме работи што ќе бидат нови за нас, мораме да бидеме подготвени да реагиаме на вистински начин“, изјави тренерот Себастијан Хинзе.

Се вчитува...