Ракометар на Еурофарм Работник позитивен на допинг-тест!

Подготовките на Работник за претстојниот европски предизвик со Берн се сериозно нарушени по сознанието дека еден член на битолскиот клуб бил позитивен на допинг-тест. Станува збор за тест извршен по натпревар од шестото коло против екипата на Бутел, кога од битолскиот клуб тестирани биле двајца ракометари, и тоа Горан Кузманоски и Милан Ѓукиќ.

Информацијата за допинг-скандалот во македонскиот ракомет беше потврдена и од самото раководство на екипата на Работник.

„Ја известуваме спортската и останатата јавност во Република Македонија дека после добиеното известување од РФМ за овој случај ги презедовме сите соодветни мерки и постапки согласно правилата за постапување при ваков настан. Исто така, сакаме да потенцираме дека како клуб ги имаме преземено сите мерки за едукација на нашите играчи и превенирање на несакани настани од таков вид. Посветуваме големо и многу професионално внимание на оваа проблематика. Во овој момент управата на РК Еурофарм Работник ја почитува презумцијата на невиност на нашиот играч и тоа така ќе остане сè до донесување на крајната одлука на надлежните органи по што ќе следи нашата конечна одлука. За сите нас овој настан е огромен шок особено што се работи за докажан спортист и човек кој со своето однесување е пример за сите помлади играчи. Се надеваме дека нашиот играч ќе ја докаже својата невиност. РК Еурофарм Работник како и секогаш ќе ги почитува одлуките на надлежните органи“ – се вели во соопштението на битолскиот суперлигаш.

Се вчитува...