Ракометарите на нов собир – почеток на нова успешна приказна

Македонската ракометна репрезентација денеска ќе го има првиот собир во пресрет на стартот на квалификациите за ЕП 2020, шампионат на кој „црвено-жолтите“ ќе настојуваат да го одржат котинуитетот од настапи на големите натпреварувања. Раул Гонзалес не прави преголеми експерименти со составот, па така од искусните играчи ќе недостига само Филип Миркуловски, кој добива заслужен одмор пред претстојниот мундијалски предизвик во Германија.

Денеска на првиот собир ќе се појават сите ракометари предводени од Кире Лазаров, со исклучок на Филип Талески, кој вчера настапуваше за Рајн-Некар Левен и затоа последен ќе му се приклучи на националниот тим.

Според планот на подготовки, македонските репрезентативци денеска и утре ќе тренираат во Скопје, по што в среда заминуваат за Битола. Во овој град в четврток ќе биде означен стартот на квалификациите со домашниот дуел против Турција, за в недела да следи и гостувањето против Грција.

Ракометната Федерација на Македонија од денеска ги пушта во продажба билетите за натпреварот меѓу Македонија и Турција, по цена од 150 денари.

„Љубителите на ракометот ќе имаат можност да набават влезници за натпреварот на Широк Сокак во Битола (непосредно пред кафе барот Портал) почнувајќи од понеделник 22.10.2018г. од 09:00 часот. Количината која ќе биде пуштена во продажба ќе биде ограничена. Останатите влезници ќе може да се набават на билетарата на СС „Боро Чурлевски“- Битола пред почетокот на натпреварот“ – информираат од РФМ.

Се вчитува...