Ракометарите во клучна битка: Победа во Атина широко ги отвора портите кон ЕП 2028

Македонската ракометна репрезентација со убедлива победа над Луксембург го стартуваше новиот квалификациски циклус, но на сите им е однапред јасно дека клучниот предизвик во овој ноемвриски прозорец е денешниот дуел – гостувањето против селекцијата на Грција.

Јужниот сосед по ракометното реноме е далеку зад Македонија, но мора да се истакне дека оваа селекција сериозно напредува во последните години, доказ за тоа е и успехот на последниот бараж откако Грците со две победи над силната Холандија стигнаа до мундијалски билет.

Во првото коло Грција убедливо загуби од фаворитот Шведска, но нема сомнеж дека домаќините ќе бидат максимално мотивирани за да ја изненадат Македонија и на тој начин да останат во игра за едно од првите две места во групата. Од друга страна, за нас ова гостување е идеална можност да стартуваме со 2-0, со што широко би си ги отвориле портите кон ново европско првенство.

„Пред нас е мечот со Грција, таму ни следи пеколен меч и одлична репрезентација која ја помина Холандија на патот кон Светското првенство. Ќе пристапиме максимално сериозно, треба да бидеме спремни на сите работи, можни се многу спортски сценарија, така што ќе пробаме психолошки да се спремиме за она што ни следува“, вели селекторот Лазаров.

Предупредување е последниот квалификациски меч што го игравме во Грција во 2018 година, кога со Кире Лазаров како капитен и Раул Гонзалес за селектор, бевме шокирани во Кожани со 28-26.

Затоа, на сите во нашиот табор им е јасно, Грција попладнево може да се добие само со максимален фокус од првата до последната минута.

Се вчитува...