Ракометарките на шестото место на ЕХФ-шампионатот

Јуниорската репрезентација на Македонија го освои шестото место на ЕХФ шампионатот што во изминатите девет дена се одржуваше во Скопје, откако нашите млади ракометарки го загубија денешниот последен меч против соодветната селекција на Исланд (32-30), по изведување на пенали. Македонија се врати од „минус пет“ во последните седум минути, но нашите ракометарки немаа сили за триумф во пенал-рулетот, во кој клучниот седмерец го промаши Андреа Седлоска, која само неколку минути претходно со извонреден удар донесе израмнување со звукот на сирената.

Почетокот беше далеку од желбите на селекторот Савевски, одбраната воопшто не функционираше, па македонскиот кормилар по само десетина минути игра беше принуден да го земе првиот тајмаут, при водство на Исланд од 2-5. Проблемите продолжија, Македонија се мачеше да најде лек за исландската одбрана, по загубените топки следеа лесни голови на противничките, кои на половина од полувремето имаа двојно повеќе голови од нашите млади ракометарки (8-4). Со влегувањето на Седлоска проработе нашиот напад, во серија одбрани влезе и голманката Марија Јовановска, за со погодокот на Ризоска да стигнеме до израмнување (11-11). При овој резултат Миновска промаши зицер од контранапaд, по што исландската селекторка побара тајмаут, па противникот повторно влезе во серија и на одмор замина со предност од 13-16.

Исланѓанките го контролираа резултатот и на почетокот од вториот дел, одржувајќи ја сопствената предност меѓу три и четири гола. Наместо камбек, противничките уште повеќе ја зголемија позитивата, па во 44. минута резултатот гласеше 18-24 за Исланд. Савевски побара тајмаут на седум минути до крајот, при водство на противникот од 23-28, по што следеше серија од три гола и приближување на 26-28 на четири минути до финишот на натпреварот. Седлоска влезе и биеше прецизно за 27-28 на една минута до крајот, следеше нова загубена топка на противникот, а потоа буквално во последната секунда Македоија стигна до пенал-рулет, со нов погодок на Андреа Седлоска постигнат од девет метри.

Коларовска го промаши првиот пенал за Македонија, Јовановска возврати бранејќи го ударот на Сигурбергсдотир. Во третата серија непрецизна беше и Седлоска, по што Исланѓанките со прецизна реализација до крајот го осигураа триумфот и петтото место на овој шампионат.

Се вчитува...