Ракометарките против Шведска за пласман меѓу осумте најдобри на СП

Женската ракометна репрезентација на Македонија до 18 години по максималниот учинок во воведната фаза од Светското првенство кое се одржува во Скопје, вечерва ја очекува клучниот натпревар за пласман меѓу осумте најдобри на мундијалот. „Црвено-жолтите“ девојки во првиот меч од главната фаза на шампионатот за противник ќе ја имаат соодветната репрезентација на Шведска.

Селекторот Љубомир Савевски вели дека е задоволен од резултатот, но дека има уште многу работи кои мора да се поправат во играта на нашата репрезентација и има простор за напредок.

„Релативно сум задоволен како ја одигравме првата фаза. Завршивме со три победи што во моментов е најважно. Сепак, морам да кажам дека има многу простор за напредок. Не играме се уште најдобро што можеме. Ова се тешки турнири, а ние немаме голем број на ракометарки кои можат да го понесат товарот. Ива Младеновска поради повреда не можеше да настапи на првите два меча, па ја добивме дури синоќа. Мечот против Шведска очекувам да биде многу тежок. Играат брз скандинавски и модерен ракомет. Се надевам дека ќе одиграме на ниво и ќе дојдеме до тој значаен триумф“, изјави Савевски. 

Околу амбициите на нашата репрезентација тој вели дека ќе биде неверојатен успех ако успееме да се пласираме меѓу осумте најдобри на шампионатот.

„Пласман меѓу осумте најдобри на шампионатот ќе биде остварување на сонот на оваа генерација. Морам да кажам дека скандинавските земји и Унгарија и Јужна Кореја се фаворити на овој турнир. Доколку успееме да се пласираме во четвртфиналето ќе направиме неверојатен успех. Репрезентации како Шпанија, Чешка, Словачка, Црна Гора веќе го завршија својот настап. Ние се уште сме тука и доколку оваа генерација успее да се пласира во нокаут фазата тоа ќе биде нешто неверојатно“, заврши Савевски. 

Натпреварот меѓу Македонија и Шведска кој ќе се игра во арената „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан со почеток во 20.30 часот.

Се вчитува...