Ракометна фарса: Цемс отиде со пет ракометарки на мечот со Пелистер

Женската „елитна“ ракометна лига се прошири од сезонава се со цел да им се овозможи на клубовите да користат дел од повластувањата од новиот закон за спонзорства во спортот, но викендов бевме сведоци и на ракометна фарса во Битола, откако екипата на Цемс допатува на гостувањето против Пелистер со само пет ракометарки.

На клубот му се заканува распад-систем откако неодамна си замина тренерскиот тандем Веселинка Треноска – Ива Стојковска, со нив Цемс го напуштија и дел од ракометарките, па сега претседателот Бојан Захариев не може да склопи ниту тим од седум играчи, камоли некаков посериозен ростер. Впрочем, претседателот ја имаше и улогата на тренер при вчерашната бламажа, па „горд на делото“ дури и се сликаше со ракометарките, за кои поразот против бројно надмоќниот ривал беше неизбежен (конечни 42-20).

Поранешната кормиларка на клубот, Веселинка Треноска, пред неколку дена јавно го обвини Захариев за манипулации, тврдејќи тој е заинтересиран за користење на ваучер-системот.

Останува да се види дали Цемс во наредниот период ќе успее да се консолидира, пред се со составување на екипа за настап, бидејќи е јасно декa ваква фарса не смее да се повтори.

Се вчитува...