Охрид апсолутно заслужено слави европски трофеј, откако „сино-белите“ вечерва по вторпат беа подобри од Татабања, по што беа крунисани за владетели во ЕХФ Европскиот куп. Трофејот што лани му припадна на Алкалоид, сезонава повторно има македонски сопственик, охриѓани апсолутно заслужено се на врвот, сите европски натпревари ги одиграа маестрално, а најдоброто го сочуваа за двомечот со ривалот од Унгарија, кој два пати беше целосно надигран и заслужено натеран на капитулација вечерва во „Билјанини извори“ (31-25).
Охриѓани отворија со одлична интервенција на Пилиповиќ, надополнета со гол на Јагуриновски на спротивната страна за тотална еуфорија на трибините на „Билјанини извори“. Татабања експресно возврати, па гостите во 6. минута преку Житников стигнаа до првото вводство на реваншот (2-3). Пилиповиќ одбрани зицер и спречи „минус два“, по што Иванковиќ стрелаше на спротивната страна за 3-3.
Aндо бранеше одлично на голот на Татабања, запирајќи го зицерот на Ѓукиќ за негова трета интервенција за помалку од 10 минути игра. Одбраната беше заштитен знак на Охрид и во овие почетни минути, а штом профункционира нападот охриѓани експресно поведоа со 6-4. Јасухира даде уште еден гол од контранапад, па гостинскиот тренер беше принуден да побара тајмаут при 7-4. Охрид имаше 8-5, но по исклучувањето на Прибетиќ гостите се вратија намалувајќи на 8-7. Проблемите се зголемија во 20. минута, кога Иванковиќ доби директен црвен картон за удар во лицето на еден од гостинските ракометари.

Aндо одбрани уште еден зицер, по што Страка стрелаше прецизно за израмнување на 8-8. Триесетина секунди подоцна гостите поведоа и со 8-9, јасен сигнал дека Ројевиќ мора да побара тајмаут. Серијата на противникот ја прекина Ќосевски со мајсторски гол со лоб-удар од крило, Андо во 26. минута веќе ја имаше 11. одбрана на голот на Татабања при запрениот зицер на Лијапис. На спротивната страна блескаше Пилиповиќ, Хрватот собра девет интервенции во првото полувреме, по што Тасески стрелаше прецизно пред самиот крај на полувремето за 12-10, воедно изнудувајќи и исклучување од Филип Талески, а на одмор се замина со 12-11 за македонскиот тим.
Второто полувреме почна со гол на Дарко Ѓукиќ од крило… како најава за охридската фурија, з апомалкун од две минути беа постигнати уште два гола, Охрид за првпат поведе со четири гола предност (15-11), принудувајќи го гостинскиот тренер експресно да реагира со тајмаут. Македонскиот претставник рутински ја одржуваше предноста меѓу четири и пет гола. Охриѓани покажаа знаци на замор, Татабања намали на 22-20, по што Ројевиќ мораше да побара тајмаут.

Третото исклучување на Талески и црвениот картон за Македонецот од Татабања беше искористено за водство од 24-21 со голот на Јагуриновски. Во клучните моменти одговорност презеде Јасухира, предноста беше умешно задржана до самиот крај и конечните 31-25, за почеток на славјето за оваа охридска ракометна бајка… што ќе се прераскажува уште долго…
Јасухира постигна девет погодоци и го искачи Охрид до трофејот, шест гола постигна Стрмљан, четири Јагуриновски, а на голот повторно блескаше Пилиповиќ со 13 интервенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
