Денешниот ден е целосно подреден на ракометот, нашата сениорска репрезентација во 16 часот во Куманово ќе одигра пријателски натпревар против селекцијата на Јапонија, а за 20 часот е закажан почетокот на церемонијата во која РФМ ќе ги додели наградите на најдобрите в мак-ракометот за сезоната 2024/25.
Станува збор што повеќе од 15 години не беше одржуван, но новото раководство се реши за негово враќање, со церемонија на која ќе бидат доделени 14 различни награди на оние кои ја одбележаа ракометната сезона.
„По подолго време, ова значајно случување повторно се враќа на македонската спортска сцена, со цел да им оддаде признание на најдобрите ракометари, ракометарки, тренери и клубови од земјата во 14 категории, како и на сите кои со својата работа и резултати ја направија Македонија препознатлива на европската и светската ракометна мапа.
На свеченоста ќе присуствуваат бројни истакнати имиња од македонскиот и регионалниот спорт – ракометни легенди, актуелни играчи, спортски работници, спонзори и медиуми“, информирааат од „куќата на ракометот“.
Манифестацијата ќе ја отворат Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, и Министерот за спорт, Борко Ристовски, со пригодни обраќања.
„Преку свечената церемонија и доделувањето на награди во 14 категории, Ракометната федерација на Македонија го оживува духот на една спортска традиција која ќе продолжи и во годините што следат.
„Ракометари на Македонија“ претставува вечер на признание, емоција и гордост – момент кога македонскиот ракомет го слави својот континуитет, своите идоли и сите кои го испишуваат богатото спортско наследство на државата“, додаваат од РФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

