Пишува: Миодраг Мицковиќ
Што се се нема случено на ракометните терени во Македонија последниве педесетина години. Какви се резултати беа постигнати кои заслужуваат да се најдат во македонската книга на гинисови рекорди. Почнувајќи од оние во женска конкуренција за кои подоцна ќе пишуваме, кога за првенство на Првата лига на Македонија тогашниот Кометал Ѓорче Петров го победи Тутунски комбинат со неверојатни 50:0, па се до оној, за кој мислевме дека е рекорден меѓу Младост од Богданци и Кочани 65:15 за првенство на Втората лига во сезоната 1977/78. Благодарејќи на еден читател на „Екипа“, голем љубител на ракометот кој не потсети да провериме еден заборавен резулат на мечот меѓу Вардар и Металург за првенство на Втората лига на Југославија – Група Југ, пронајдоме нов рекорд кој сигурно ќе се најде во книгата на Гинис бидејќи тешко дека некоја екипа во Македонија ќе успее да го собори.
Кој повеќе ќе постигне голови, Вардар или Борац од Урошевац
Веројатно нашите читатели ќе се запрашаат колку е висок тој резултат, кога може да го надмине оној меѓу Младост и Кочани (65:15). Не само што е повисок, туку и превисок бидејќи Вардар го победи Металург дури со 69:11 (31:4) во последното коло од Втората лига на Југославија. Што се случи на тој натпревар, зарем Вардар беше толку понадмоќен од градскиот ривал со кој постојано водеше тешки битки на претходните натпревари. За да биде појасно, на Вардар му беше потребна висока победа за да има подобра гол разлика од Борац од Урошевац кој му беше најголем кокурент за првото место, кое обзбедуваше пласман во Првата лига на Југославија . И двата клуба имаа ист број на бодови, им беше потребна подобра гол разлика. Но во исто време не „спиеја“ и ракометарите на Борац кои на средбата со белградски Партизан во својата сала во Урошевац, ја изрешетаа неговата мрежа победувајќи на крајот исто така со висок резултат 50:19, но сепак недоволно за првото место.
Натпреварот меѓу Вардар и Металург се одигра во салата Расадник на 2. јуни 1985 година. Судеа Гелебешев и Дишлиев од Скопје. Според официјалниот записник кој по средбата им беше даден на новинарите беше запишан резултатот 69:11 (31:4) за Вардар. Со оглед дека во салата не работеше семафорот не можеше точно да се следи резултатот. Освен тоа времето се мереше рачно, записничарот навистина имаше многу работа за да ги запише сите голови бидејќи беа постигнувани секоја минута па и почесто. Можеби и пропуштил да запише уште некој, никој тоа не го контролираше со оглед дека натпреварот беше договорен меѓу двете екипи. Најважно беше да се постигне победа со висок резултат во корист на Вардар.
Колку записници имаше на мечот Вардар-Металург ?
Во текот на натпреварот телефонските линии со Урошевац и обратно со Скопје беа вжештени од двете страни, се контролираше резултатот на противникот. На крајот, кога фарсата заврши резултатот на средбата Вардар-Металург (69:11) беше рекорден во историјата на ракометот во Македонија. Дали и овој резултат е официјален, тешко е да се каже. Според колегите, со кои разговаравме и кои беа присутни на натпреварот, наводно биле подготвени три записници со разни резултати, според потребите. Официјален требало да биде оној кој најмногу му одговараше на Вардар. Дури во едниот, резутатот бил како што тврдат многу повисок. Затоа некои новинари се шегуваа со зборовите:
„Само господ го знае точниот резултатот“.
На крајот кога беше познат резултатот на Борац на средбата со Партизан, беше објавен овој за кој сега пишуваме. Иако следеа потоа казни за оваа „местенка“, резултатот 69:11 (31:4) останува официјален, средбата не е поништена, записникот е доставен не само до Ракометниот сојуз на Македонија , се наоѓа и во архивата на Втората лига-Југ во Ракометниот сојуз на Југославија како оригинален документ.
Суспензии и казни
Ракометниот сојуз на Југославија брзо реагираше, изрече суспензии на сите четири клуба, Вардар, Борац, Металург и Партизан, со конечна одлука ниту една екипа од Втората лига-Југ таа сезона да не се пласира во Првата лига на Југославија. Залудно Вардар и Борац беа толку „ефикасни“, Одделни членови на управите од четирите клуба беа предадени на дисциплинскиот комесар на Втората лига за да им бидат изречени дисциплински казни.
Ова се составите на двете екипи од овој„ рекорден“ меч, но колку се точни запишаните постигнати голови, не гарантираме.
Вардар: Царчев 1, Кипровски 9, Маринковиќ 8, Стојановски 8, Динковски 6, Лудвиг 4, Темелковски 9, Зиков 3, Лозановски 7, Ивановски 11, Гиевски 4, Глигоров.
Металург: Диневски, Арсовски 4, Чокрев, Николовски 1, Илиевски, Трифуновски, Ниневски 1, Стојановиќ 1 , Костадинов 1, Вељановски 2, Митевски 1, Јаковлевски.
На крајот, беа оглед на оваа ракометна бламажа, ова е сепак највисок постигнат резултат на еден напревар во Македонија, мора да биде признат бидејќи мечот не е поништен. Тоа е рекордот за македонскота книга на гинисови рекорди. Не веруваме дека има повисок. Останува да се потсетиме во наредните денови и на чудните резултати кај ракометарките.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА