Завршува уште една календарска година, што во историјата на мак-ракометот ќе остане запаметена по титулата што ја освои Е. Пелистер, прва по пауза од 18 години за битолскиот клуб. Трофејот им се лизна низ прсти минатата сезона, но и покрај направениот „ремонт“ во играчкиот кадар битолчани собраа сили, заиграа најдобро кога беше најважно и стигнаа до толку посакуваниот трофеј, враќајќи се на тронот на мак-ракометот.
Рецептот на почетокот на ланската сезона беше чуден, носење на скандинавски тренер кој се мачеше да ја наметне сопствената ракометна филозофија, но работите се вратија во посакуваниот правец со носењето на Александар Јовиќ на клупата, надополнето со битолската легенда Звонко Шундовски со „советничка функција“. Убедливиот пораз од Вардар на стартот на плејофот значеше и нокдаун за „пелистерци“, но ситуацијата се промени откако Вардар загуби од Алкалоид, по што Е. Пелистер ги доби „црвено-црните“ во Битола и си го трасираше патот до титулата.
Радоста и еуфоријата со право беа огромни, но за жал не траеја премногу долго бидејќи стартот на новата сезона исфрли на површина нови проблеми за новиот македонски шампион. Се почна во текот на летото, по неочекуваната одлука за разделба од директорот Митревски, кој важеше за исклучителен професионалец во својата област, човек кој како прв оперативец е еден од најзаслужните за титулата, а мораше да си замине еден месец по нејзиното освојување. Новите ветришта кои почнаа да дуваат, уште еден играчки ремонт со имиња кои се далеку до реномето наречено Лига Шампиони, придонесоа Пелистер да има разочарувачки 0-10 по првите десет рунди од елитното европско натпреварување. Згора на тоа, беа претрпени два пораза од Вардар (еден во Супер-купот, еден во Супер-лигата), па битолчани ќе влезат во плејофот со бод помалку од големите ривали Вардар и Алкалоид.
Токму Алкалоид по добро ќе ја памети оваа 2023 година, откако во „сино-белите“ под водство на Кире Лазаров остварија низа историски успеси. Двете победи над Вардар во плејофот овозможија Алкалоид да ја заврши сезоната како вицешампион на Македонија, што им донесе и директно место во групната фаза од Европската лига на ЕХФ. Во неа, тимот од скопска Автокоманда ја забележа и првата европска победа во клупската историја (над шпанска Ла Риоха) како најава за уште подобри резултати во иднина на овој млад, но исклучително амбициозен ракометен проект.
Вардар катастрофално го мина првиот дел од 2023 година, прокоцкувајќи ја шансата за титула, па на крајот стигнувајќи и до третото место кое значеше дека поранешниот европски првак ќе мора да игра квалификации за место во групната фаза од ЛЕ. Среќата им го сврте грбот на „црвено-црните“, кои налетаа на Рајн-Некар Левен и претрпеа два пораза за експресен крај на европската авантура, но затоа Вардар одговори со добри игри на домашната сцена, освојувајќи го Супер-купот и првото место во групата од Супер-лигата, па сега ќе имаат еден бод предност пред Е. Пелистер во пресрет на плејофот.
А нема сомнеж дека овој плејоф ќе биде најнеизвесен, а трката за титулата најинтересна во последните дваесетина години. Во игра се три сериозни кандидати за титулата (Алкалоид, Вардар и Еурофарм Пелистер), но и тимови како Тиквеш, Охрид… кои покажаа дека можат да ги замрсат сметките на фаворитите, особено на домашен терен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА