Шефот на стручниот штаб на Шкупи, Зекирија Рамадани очекувано немаше многу забелешки за своите фудбалери и покрај елиминацијата од Глазгов ренџерс на стартот од квалификациите за Лигата на Европа.
Шкупи на достоинствен начин го претставуваше македонскиот фудбал, испуштајќи и убава можност вечерва во Скопје да слави против тимот на Стивен Џерард.
„Честитки за Глазгов ренџерс за пласманот во следната рунда. Честитки и за моите играчи. Мислам дека покажавме добра игра а најважно од се мислам дека покажавме како и во Македонија се игра квалитетен фудбал. Можеби сме елиминирани, но Шкупи доби многу со овој настап во Лигата на Европа“ – истакна Рамадани на прес-конференцијата по мечот.
Задоволство од начинот на претставување истакна и Рон Броја, кој се заблагодари на поддршката од трибините на „Филип Втори“…
„Глазгов ренџерс е голем тим и заслужено се пласира во следното коло. Но ние добивме големо искуство и мислам дека се претставивме во добро издание. Дадовме се од себе, благодарност до публиката за поддршката“ – рече Броја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА