Рамос сакаше да ја изигра Севилја, па доби “црвен картон“

Серхио Рамос сепак нема да се врати назад во Севилја како нов газда на клубот од Андалузија, откако легендарниот дефанзивец се обиде да ги измами акционерите во последен пат менувајќи ги условите од купопродажниот договор.

Уште пред дваесетина дена беше објавено дека Рамос го предводи конзорциумот што ќе ги откупи акциите на Севилја. Беше договорено купување на 85% од вкупните акции за вкупно 275 милиони евра, дополнителни 85 милиони евра за покривање на долгот на клубот и инвестирање на уште 80 милиони за зголемување на капиталот на клубот од „Санчез Пизхуан“.

Се беше договорено, но конзорциум најпрвин минатата недела побара да бидат променети условите околу динамиката за исплата, за вчера да испрати нова понуда што се оценува како скандалозна.

Имено, Рамос и неговите соработници со својот нов план сакале да купат само 42% од акциите за вкупно 120 милиони евра, со што ќе имаа доволен процент за да можат да почнат да раководат со клубот. Сепак, неисполнетите ветувања и лагите кажани во преговорите беа причина оваа понуда да биде експресно отфрлена, разговорите со Рамос да бидат целосно стопирани и да се активираат преговорите со останатите конзорциуми кои во изминатите месеци покажаа интерес да станат сопственици на прославениот шпански клуб.

Серхио Рамос дефинитивно си даде „автогол“, па доби и „црвен картон“ од клубот каде што ја лансираше својата кариера.

Се вчитува...