Рамос со солзи во очите: Ова не е збогум, еден ден ќе се вратам во Реал Мадрид

Реал Мадрид денеска одбележа крај на една ера, откако долгогодишниот капитен Серхио Рамос го официјализираше своето заминување од „Сантијаго Бернабеу“ на прес-конференција што се одржа во мадридскиот фудбалски храм. Фантастичниот дефанзивец мина 16 сезони во дресот на „кралевите“, притоа одигрувајќи 671 натпревар и постигнувајќи 101 гол. Во неверојатната колекција на трофеи освоена со Реал овој фудбалер има четири титули во ЛШ, исто толку од клупските мундијали, три од Суперкуповите на Европа, пет од Ла Лига, два од Копа дел реј и четири од Суперкупот на Шпанија.

Актуелниот договор на Рамос истекува на 30 јуни, но со оглед на фактот дека двете страни подолго не преговараа за негово продолжување стана јасно дека овој фудбалер си заминува од Реал Мадрид. Разделбата по оваа 16-годишна „љубов“ секако е болна, а Серхио не можеше да ги сокрие солзите на почетокот од прес-конференцијата.

„Завршува еден уникатен дел од мојот живот, ништо никогаш повеќе нема да биде како што беше досега. Дојде време да се каже една од најтешките реченици во животот – си одам од Реал Мадрид“, истакна Рамос, по што се појавија и првите солзи на неговото лице.

Дојдов овде како дете, со родители кои ме држеа за рака и секогаш ми даваа поддршка. Си одам како маж, како човек што мина многу работи носејќи го овој дрес. Голема благодарност до претседателот, до сите тренери, до вработените во клубот. Наклон до навивачите, кои ми даваа самодоверба со поддршката во сите овие години. Ова не е збогум, верувајте ми кога ви велам, ќе се вратам, порано или подоцна“, порача Серхио Рамос.

Се вчитува...