Раниери: Играчите не ме „наместија“, но …

Отказот за Клаудио Раниери од страна на раководството на Лестер предизвика шок во светската фудбалска јавност, како и кај самиот италијански стручњак. Неполна година откако освои историска шампионска титула со „лисиците“, искусниот стратег доби отказ по серијата слаби игри во Премиер-лигата.

Ме отпуштија по мечот со Севилја во ЛШ, а јас мислам дека тоа беше пресвртницата на Лестер. Екипата се бореше, покажа жар, Варди конечно даде гол, верував дека работите тргнуваат на подобро, а кога стигнав дома ме чекаше отказ. Тоа беше голем шок за мене, како впрочем и за сите останати“ – изјави Раниери.

Тој не е согласува со медиумските шпекулации дека фудбалерите се оние кои го „наместиле“ неговото заминување разговарајќи на оваа тема со газдата на клубот.

Не верувам дека ме „наместија“ играчите. Не, не и не, минавме премногу заедно, ми беа лути кога им ги укинав хамбургерите поради лошите резултати, но убеден сум дека тие немаа никаква врска, без оглед на се што се пишуваше по медиумите. Можеби тоа го стори некој друг, некој близок до мене. Имав проблеми и пред да ја освоиме титулата, можеби тие луѓе ги искористија лошите резултати сезонава, па малку повеќе работеа на мое поткопување кај сопствениците на клубот“ – истакна искусниот стручњак.

Дел од англиските медиуми во оваа изјава го препознаа Крег Шекспир, асистентот на Раниери кој сега стана прв тренер на тимот, но Италијанецот не сакаше да продолжи да коментира на оваа тема.

Слушнав премногу приказни, но јас сум искрен и лојален човек и не сакам да одговарам на нив. Се што имам да му кажам некому, ќе му го кажам во четири очи“ – дециден е Клаудио Раниери.

Се вчитува...