Раниери ќе биде нов тренер на Несторовски и на Трајковски во Палермо?!

Италијанскиот стратег Клаудио Раниери, кој неодамна доби отказ од премиерлигашот Лестер, а минатата сезона сензационално го одведе овој тим до шампионската титула во Премиер – лигата, би можел да биде нов тренер на македонските репрезентативци Илија Несторовски и Александар Трајковски во Палермо. Како што наведува „Кориере дело спорт“, новите сопственици на клубот, преку претседателот Пол Бакалини, веќе ги направиле првите чекори за евентуален ангажман на Раниери.

Многу веројатно е дека Палермо нема да успее да обезбеди опстанок во Серија А, па затоа и преговорите со Раниери за преземање на клупата нема да бидат лесни, но новите сопственици на кои Маурицио Зампарини им го продава клубот, ќе се обидат да му обасјнат на Раниери дека сакаат да создадат стабилен италијански прволигаш, а токму тој им е потребен на кормилото за да оформи тим кој експресно би се вратил во елитната конкуренција.

Сегашниот тренер на Палермо, Диего Лопез, има договор до 2018 година, а според предвидувањата, тој исто така би останал да работи во стручниот штаб на Раниери, доколку познатиот стратег се нафати на предизвикот да го преземе Палермо.

 

Се вчитува...