Расположениот Работнички на мегдан со Гостивар, МЗТ Скопје на тест со Вардар пред АБА2 плејофот

Прволигашите немаат многу време за одмор бидејќи во густиот распоред на заостанати натпревари програмата продолжува денеска со два интересни дуела во главниот град каде Работнички го пречекува Гостивар, додека МЗТ Скопје ќе го угорсти Вардар пред патот за Подгорица каде „металците“ ги очекува четвртфинален дуел со Младост Земун од разигрувањето во АБА2 лигата.

Во дуелот на денот, Работнички на „Кале“ ќе го пречека составот на Гостивар од 16 часот. Центарци се наоѓаат во одлична форма и не знаат за пораз на последните шест средби на домашното тло, осум во сите натпреварувања. За разлика од „црвено-белите“, кои последниот натпревар го одиграа пред три дена, „сино-белите“ на Јончевски по пауза од десет дена им се враќаат на дуелите, па дозата на одмор ќе биде адут на гостинскиот состав.

Интересно е што двата тима во овој меч влегуваат по победите на МЗТ Скопје. Работнички го доби неизвесното вечно дерби во Аеродром, додека Гостивар покажа доминација на свој терен и одлична игра во одбраната против сеуште актуелниот шампион на Македонија, па ќе биде интересно да ја проследиме оваа битка. Првиот натпревар оваа сезона донесе големо возбудување во „Младост“ каде домаќините успеаја да се вратат од голема негатива, а гостите до победа стигнаа благодарение на подобрата игра во дополнителните пет минути.

Во фокусот на средбата повторно ќе биде дуелот под обрачот каде Тодоровиќ ќе се обиде да им парира на „кулите близначки“ во „црвено-бело“, а „сино-белите“ ќе се обидат да го искористат шутот од далечина, кој е првата напаѓачка опција за Гостивар оваа сезона. Зонската одбрана на избраниците на Јончевски беше пресудна за победа на средбата против составот од Аеродром, а со оглед на кратката клупа на Работнички ќе биде интересно да го видиме одговорот на Мираковски.

Во исто време (16 часот), МЗТ Скопје ќе се обиде да им се врати на победите пред „балонот“ на АБА2 лигата со натпревар против Вардар во Аеродром. Избраниците на Радуловиќ се фаворит на денешниот меч, но во ниеден момент не смее да се потцени составот на Јованчев, кој оваа сезона покажа дека може да се носи со фаворизираните тимови.

Аеродромци со победа на денешниот меч ќе го осигураат своето место во разигрувањето за титула, додека вардарци ќе мораат да се припремат подобро во пресрет на плејаутот.

Се вчитува...