Ратко Достаниќ уште две години на клупата на Работнички

Српскиот стратег Ратко Достаниќ и во наредните две сезони ќе биде тренер на Работнички, објави македонскиот прволигаш. Раководството на клубот е задоволно од работата на Достаниќ откако беше ангажиран во вториот дел од веќе прекинатата сезона во македонскиот шампионат и постигнат е договор за продолжување на соработката за нови две сезони.

Претседателот на клубот Драган Поповски вели дека тоа што го започна Ратко Достаниќ сака да биде продолжено и во наредниот период. Форсирање на млади фудбалери, ред, работа и дисциплина, а се покажа дека носи и позитивни резултати.

„По предвремениот прекин на сезоната, Работнички веќе размислува за следните предизвици. Имавме разговор со шефот на стручниот штаб Ратко Достаниќ и договоривме нова двегодишна соработка. Клубот има стратегија за форсирање на млади фудбалери, а тренерот има желба да се вклопи во една таква концепција и со врвна работа и максимален професионализам кои се карактеристики на Ратко Достаниќ да стигнеме и до позитивни резултати“, изјави првиот човек Драган Поповски за официјалниот сајт на клубот.

Достаниќ го презема Работнички кога беше во незавидна позиција на табелата и забележа четири победи и реми против лидерот Вардар, стабилизирајќи го тимот и извлекувајќи го од последното место. Во моментот на прекинот на првенството Работнички заврши на осмата позиција на табелата во Првата лига.

Се вчитува...