Раул е тренер на сезоната, Јанц МВП на СЕХА-лигата

Стратегот на Вардар, Раул Гонзалез, е избран за најдобар тренер во СЕХА-лигата за сезоната 2016/2017, беше објавено денеска на официјалната веб-страница на регионалното натпреварување. Во изборот учествуваа тренерите на сите екипи од СЕХА, при што Раул убедливо стигна до ова признание, освојувајќи двојно повеќе гласови од Бранко Тамше од Целје (22 наспроти 11). Изборот на Шпанецот, кој наскоро ќе седне и на клупата на македонската репрезентација, е сосема логичен со оглед на убедливите игри на „вардарци“ во текот на целата сезона и освоеното прво место во регуларниот дел од сезоната. Третото место во ова гласање го освои Хави Сабате од Веспрем со седум освоени бода.

Признанието за МВП на сезоната му припадна на Блаж Јанц, по фантастичните настапи на ракометарот на Целје, кој по завршувањето на оваа сезона ќе се пресели во Кјелце. Словенецот, кој покрај како десно крило одлично се снаоѓа и на позицијата десен бек, собра најмногу гласови во изборот на тренерите, сосема заслужено стигнувајќи до ова признание.

Воедно, беше објавен и дрим-тимот на сезоната во регионалното натпреварување, во кој се најдоа Иван Стевановиќ (Загреб), Тимур Дибиров (Вардар), Блаж Јанц (Целје), Момир Илиќ (Веспрем), Растко Стојковиќ (Мешков Брест), Лука Циндриќ (Вардар) и Даинис Кристопанс (Мешков Брест). Исто така, „вардарецот“Илија Абутовиќ ја доби наградата за најдобар дефанзивец во СЕХА-лигата.

Се вчитува...