Раул го потпиша и светскиот патник Ду Риц во ПСЖ

Раул Гонзалес дополнително ја засили бековската линија на ПСЖ за наредната сезона, откако „светците“ денеска го комплетираа трансферот на Ким Екдал Ду Риц. Шведскиот ас имаше краток одмор од ракометот откако реши да патува околу светот, но набрзо се премисли и пред два месеци потпиша договор со Рајн-Некар Левен.

Неколкуте добри партии, надополнети со реномето што ДуРиц го има со години наназад, придонесоа тој да се најде на листата со желби на ПСЖ, па денеска и официјално го потпиша договорот со актуелниот европски вицешампион. За 28-годишниот ракометар ова е враќање назад во Франција, откако во сезоната 2011/2012 го носеше дресот на Нант.

„Ќе бидам играч на ПСЖ и пресреќен сум поради тоа. Не можев да сонувам за ништо подобро од трансфер во еден од најпрестижните клубови. Едвај чекам да почнам да го носам црвено-синиот дрес“ – изјави Ду Риц при потписот на договорот.

Раул Гонзалес, кој летово ќе го напушти Вардар и ќе се пресели на клупата на ПСЖ, ќе биде на слатки маки бидејќи на позицијата лев бек веќе го има Микаел Хансен, Ду Риц доаѓа на местото на Нарсис, кој објави крај на кариерата.

Се вчитува...