Раул Гонзалес: Знаевме дека сме фаворити, но тоа требаше да се докаже и на терен

Вардар со стил ја одбрани титулата во регионалната СЕХА лига победувајќи го ППД Загреб во финалето на Ф4 турнирот во Скопје. Вардарци се единствената екипа со четири титули во седумте изданија на СЕХА лигата. Тренерот на Вардар, Раул Гонзалес, вечерва имаше добра причина да биде задоволен од играта на својот тим кој во продолжение го очекува одбрана на уште една титула во Лигата на шампионите.

„Загреб одигра многу добар меч, во првото полувреме игравме добро во нападот и во одбраната. Имавме еден гол предност во првото полувреме. Нашата одбрана беше добра, имавме неколку контранапади ги реализиравме и тоа ни донесе резултат. Одигравме добар натпревар, знаеме дека сите не сметаа за фаворити, но тоа мора да се докаже и на терен. Среќен сум, затоа што одигравме многу добра сезона во СЕХА лигата. Им честитам на моите играчи за победата и за титулата. Сега ни останува малку да одмориме и да се подготвиме за она што не очекува до крајот на сезоната“ – истакна Раул Гонзалес.

Нагласувајќи дека Вардар бил подобар противник во вечерашното финале, тренерот на ППД Загреб, Златан Сарачевиќ, спортски му ја честиташе титулата на ново-стариот шампион.

„Честитки за Вардар за титулата, вечерва беа подобар противник. И во цела СЕХА Лига беа најдобра екипа, во текот на целата сезона беа без пораз и ја заслужија титулата. Го одигравме овој натпревар со крајни сили, на крај подобри подобриот. Ние се обидовме колку што можевме. Вардар беше подобар противник, и тоа е тоа“ – рече тренерот на ППД Загреб, Златан Сарачевиќ.

Се вчитува...