Еден од најдобрите швајцарски репрезентативци, момчето чии родители се од Македонија, Ардон Јашари очекувано задоволен од синоќешната победа на неговата селекција од 0-3 на гостувањето против Македонија во Скопје.
Јашари по мечот не криеше дека беше тоа посебен натпревар и за него, токму поради тоа што на трибините беа и голем број членови на неговото семејство кои живеат во Македонија.
„Беше посебен натпревар за мене, бидејќи како што кажав претходно, моите корени се од тука, моите родители се родени тука, па дефинитивно беше посебен натпревар, емотивен натпревар, но успеав да ја одиграм мојата игра, а тоа е најважно. И пред или по натпреварот, секако имав некои посебни емоции и среќен сум што победивме, но исто така и среќен што ја видов мојата фамилија од Македонија која живее тука и со сигурност ќе се видам со нив и сега по натпреварот“ – изјави Јашари по дуелот.
Како го гледаш изданието на Македонија, очекувавте ли така лесна победа?
„Македонија има навистина добри играчи, имаат индивидуално добри играчи, но мислам дека како колектив секако можат подобро, исто како што можеме и ние. Но, го имаат индивидуалниот квалитет. Мислам, ако корегираат некои делови од играта, можат да бидат навистина тежок противник. Ние, пак, мислам дека докажавме дека мора да завршиме во оваа група на првото место. Исто како што го завршивме Светското првенство, мора да започнеме повторно во оваа нова сезона, во новата група, на истиот начин“ – вели фудбалерот на Милан.

Имаше тежок период минатата сезона, а сега се врати во првите единаесет и во швајцарскиот тим. Како се чувствуваш околу тоа?
„Да, за мене минатата сезона беше тешка. Но, работев напорно, се обидував секогаш да го давам мојот максимум, па сега почнувам од почеток со нови докажувања“.
Каков беше теренот за игра? На прес-конференцијата пред мечот селекторот Јакин критички се осврна на теренот, наведувајќи дека на така висока трева не може да се игра фудбал…
„Мислам дека теренот не беше добар, но на крајот е исто за двата тима. Така што денес победивме и мислам дека кога победуваш веќе лошите работи не ги потенцираш… Иако, да, теренот не беше на ниво за едно вакво натпреварување“ – вели Јашари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
