Реакција од РК Пролет: Темелковски ни заби нож во грб!

Неочекуваната одлука на тренерот Илија Темелковски да го напушти РК Тинекс Пролет и да се пресели на клупата на Еурофарм Работник, го стави скопскиот суеперлигаш во незавидна ситуација да бара принудно решение на средина на сезоната. Од Тинекс Пролет информираат дека во пресрет им излегол нивниот поранешен тренер и селектор, Гино Стрезовски, кој ќе ја преземе клупата додека не најдат трајно решение на тренереската позиција. Воедно, од РК Тинекс Пролет во соопштението медиумите ја изразуваат својата разочараност од неетичноста на управат ан РК Еурофарм Работник, но и од некоректниот однос на нивниот долгогодишен тренер, Илија Темелковски.

Соопштение од РК Тинекс Пролет:

Пролет е колектив кој постои 55 години, екипа која континуирано опстојува во македонскиот ракомет и е константа која врзува генерации. Разочарани сме од односот на управата на РК Еурофарм Работник која крајно неетички ја искористи нашата доверба и соработка со тренерот Илија Темелковски и го ангажираше во екот на сезоната. Со сета почит кон сето она што го направил господинот Силјан Мицевски за македонскиот ракомет, но во минатите две сезони управата на Работник на крајно неморален и неетички начин се обидуваше да купи ракометари од нашиот клуб, со нереално високи суми, а тоа им успеа сега со тренерот на екипата Илија Темелковски. Девет години го раневме и издигнувавме неговото тренерско реноме. Преку работа во нашиот клуб Илија Темелковски дојде до позиција селектор, за на крај да ја злоупотреби нашата доверба и џентламенски договор и да ни забие нож во грб кога ни беше најпотребен, на средина на сезоната. Останавме без својот тренер Илија Темелковски кој се одлучи ненајавено да го напушти клубот на средина на сезоната. РК Тинекс Пролет е клуб со голема традиција и токму затоа бараме тренер достоен на нашето реноме. Во наредниот период до пронаоѓање на соодветно решение за тренерското столче, клубот ќе го води господинот Гино Стрезовски. Тој по вторпат го превзема нашиот клубот во тешки моменти и затоа сме благодарни за неговата помош и посветеност до изнаоѓање на правилно и трајно решение на тренерската позиција. Веќе бевме сведоци на нови клубови кои се обидуваа да ги достигнат своите пет минути уште на самиот почеток од своето постоење, а сведоци сме и како таквите клубови завршуваат. На ваков начин не се гради стабилна иднина на еден клуб, а времето ќе покаже дали тоа е вистинскиот пат по кој треба да се насочи ракометната иднина во Македонија“

Со почит, РК Пролет

Се вчитува...