Реал е селска екипа без Модриќ и Крос

Реал Мадрид стигна до трите бода на дуелот со Елче благодарение на двата гола на Карим Бензема, но Зинедин Зидан повторно е цел на критики од јавноста. Причина – катастрофалната игра на „кралевите“ во голем дел од натпреварот против еден од најслабите тимови во лигата.

Французинот се обиде со експеримент, почнувајќи го мечот со формација 3-5-2 оставајќи ги на клупа двајцата клучни фудбалери за врска, Лука Модриќ и Тони Крос. Дури откако овие двајца влегоа на теренот, при негатива од 0-1, играта на Реал конечно доби на ритам, по што следеше и пресвртот.

Весникот „Марка“, кој вообичаено е крајно наклонет на Реал Мадрид, на анализата за натпреварот стави наслов „Реал е селска екипа без Модриќ и Крос“.

„Играњето без Модриќ и без Крос против слабиот Елче беше катастрофално, Реал не може да држи ритам ниту против ваков ривал. Првиот час од мечот беше фијаско, очигледно е дека замените за Хрватот и за Германецот немаат ни половина од нивните квалитети. Модриќ и Крос се толку моќни што под нивно водство диктирањето на темпото и организацијата на играта делуваат лесно, а воопшто не  е така“, пишува „Марка“.

Се вчитува...