Реал ја брани круната, Баерн е друга приказна со Левандовски

Реал Мадрид како голем фаворит влегува во реваншот против Баерн Минхен, пред се благодарение на огромната победа од 1-2 на гостувањето на „Алијанц Арена“. Зинедин Зидан и неговите избраници се свесни дека со елиминацијата на Баерн би направиле значаен чекор напред кон одбрана на европската круна, но децидно најавуваат дека немаат намера да се бранат на вечерашниот реванш на „Сантијаго Бернабеу“.

Предноста од Минхен нема да значи ништо ако денеска не одиграме онака како што знаеме и умееме. Баерн е моќен тим на сите позиции, да внимаваме на најситните детали. Секогаш е тешко да се игра против Баерн, без разлика дали на домашен или на гостински терен, знаеме дека тие ќе притискаат до последната минута, па затоа ќе мораме да играме многу, многу, многу добро“ – истакна Зинедин Зидан.

Герет Бејл нема да може да настапи на оваа средба поради повреда, а на негово место шанса ќе добие Иско, кој игра одлично во последните неколку месеци. Реал доминира на домашен терен, на последните 34 средби на „Сантијаго Бернабеу“ избраниците на Зидан забележаа 29 победи, четири реми и само еден пораз.

Во таборот на Баерн владееше огромно разочарување по поразот на првиот натпревар во Минхен, но баварците се оптимисти дека можат да возвратат со иста мера. Враќањето на Роберт Левандовски е огромен „плус“ за баварскиот гигант, со оглед на фактот дека Полјакот повторно игра во извонредна форма. Во Реал добро го паметат неговиот настап за Борусија во Дортмунд, кога со четири гола ги предводеше „милионерите“ до победа и пласман во големото финале.

Секако дека присуството на Левандовски ќе ни помогне, но нема да го менуваме стилот на игра, ќе настапиме идентично како и на сите претходни натпревари. Роберт е голем играч кој постигнува многу голови и сигурно ќе ни даде поголема самодоверба во мечот во кој мораме да победиме“ – изјави Карло Анчелоти.

Италијанскиот стратег најголеми проблеми има со одбранбената линија, каде на располагање ќе го нема суспендираниот Мартинез, а во трка со времето по повредите се наоѓаат и Хумелс и Боатенг.

Ова е шесто четвртфинале во низа за Баерн, при што баварскиот гигант во претходните пет сезони редовно стигнуваше до место меѓу најдобрите четири тима во Европа. Традицијата не е ветувачка за германскиот шампион, со оглед на фактот дека Баерн загубил во последните четири гостувања во Шпанија, притоа сезонава еднаш веќе играше во Мадрид и беше поразен од Атлетико со 1-0.

Се вчитува...