Реал Мадрид е во финалето, крај на бајката на Валенсија

Реал Мадрид е вториот финалист во големото финале на фајналфор турнирот во Атина откако „кралевите“ славеа во шпанската полуфинална пресметка со Валенсија со убедливи 105-90. Валенсија се надеваше на триумф носена на крилата на извонредниот пресврт во четвртфиналето против Панатинаикос, но Серџо Скариоло постави беспрекорна тактика со која го исфрли од ритам противникот и заслужено стигна до билет за финалето.

Првото полувреме мина во беспрекорна офанзивна партија на „кралскиот клуб“, кој во неколку наврати имаше двоцифрена предност. Неверојатно делуваше шутот од далечина на „белите“, кои постигнаа дури 12 тројки за едно полувреме, рекорд на фајналфор турнирите од Евролигата. Реал замина на одмор со 56-62 по тројката на Монтеро, најефикасно полувреме со 118 поени во историјата на Ф4 турнирите, но беше јасно дека двата тима не можат да продолжат со така фуриозен напад.

Во вториот дел како пресудна се покажа борбеноста и скок-играта на „кралскиот клуб“. Дек, Кајлс и пред се Фелиз освоија бројни топки во рекетот, Реал постигна низа значајни поени од втора шанса, што им овозможи на „кралевите“ да го исконтролираат резултатот до самиот крај и конечните 90-105.

Хезоња беше прв стрелец со 25 поени, негов личен рекорд на Ф4 турнирите, Лајлс постигна 17 поени, а одличниот Фелиз го заврши мечот со 15 поени, 8 скокови и 3 асистенции. Монтеро и Риверс со по 15 поени беа најефикасни во редовите на Валенсија во ова полуфинале.

Противник на Реал во неделното финале во 20 часот ќе биде Олимпијакос, кој убедливо славеше во првата полуфинална пресметка против бранителот на тронот Фенербахче.

Се вчитува...