Реал Мадрид и Барсa се „за“ новиот формат на Светското клупско првенство

Идејата на ФИФА  за Светско клупско фудбалско првенство со 24 клубови добива поддршка од шпанските гиганти, Реал Мадрид и Барселона. Емилио Бутрегењо веќе се изјасни дека ваквиот концепт за Реал е „многу интересен“, додека доцна синоќа, управата на Барселона процени дека замислата на ФИФА е „повеќе од добра“.

Ваквите ставови на најголемите шпански клубови значајно и даваат „ветер во грб“ на ФИФА во реализацијата на овој концепт кој според првичните најави треба да почне во летото во 2021 година и да се одржува во јуни и во јули. Натпреварувањето не би траело повеќе од три недели. Поддршката од Реал Мадрид и од Бaрселона се очекува да повлече серија поволни реакции и од другите европски фудбалски гиганти. Ваквото клупско првенство би се одржувало на четири години, во летото пред фудбалските мундијали.

ФИФА би го укинала постоечкиот клупски турнир кој се одржува во декември, а не би постоел ниту Купот на Конфедерации.  На клупското светско првенство, во новиот формат би учестувале 12 екипи од Европа, пет од Јужна Америка, додека Азија, Африка и Северна Америка би имале по два тима. Претставникот на Океанија најверојатно би играл бараж со петтопласираниот од Јужна Америка. Последниот учесник би бил домаќинот на турнирот.

Очекувањата се дека ваквото Светско клупско првенство би донело огромна заработувачка за екипите учеснички. Во овој момент нема прецизни детали за тоа како би биле избирани клубовите кои би учестувале на ова натпреварување. Една од опциите е на Светското клупско првнество, од Европа,  да одат последните четири освојувачи на Лигата на шампионите, последните четири финалисти на ова натпреварување и уште четири екипи со најдобар кoефициент.

Противник на оваа идеја е претседателот на УЕФА, Александар Чеферин. Тој тврди дека дел од клубовите со кои што преговарале заговорниците на идејата, а кои би требало да бидат дел од натпреварувањето, се против новиот концепт.

Се вчитува...