Реал Мадрид и Барселона денеска по 236-ти пат – од 13 часот!

Најголемата клупска пресметка во светот на фудбалот меѓу Реал Мадрид и Барселона на програмата денеска на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид. Во специфичен термин од 13 часот, но сето тоа ниту најмалку не смета сите погледи да бидат насочени кон Шпанија.

Судир на два тима кои освоиле шест титули шампион на Европа во последните девет сезони. Покрај нив во последнава декада тоа го направија уште само Интер, Челси и Баерн Минхен.

Реал и Барселона досега имаат 235 меѓусебни дуели во сите натпреварувања. Нешто поуспешни се „кралевите“ со 95 победи, додека Барселона има само четири победи помалку. Кога е во прашање гол-разликата, Реал и тука е подобар со 398 постигнати голови за разлика од оние 381 на Каталонците.

Ако се погледнат само натпреварите на „Сантијаго Бернабеу“, исто така Реал е многу поуспешен со 64 победи и 25 ремија, и само 27 победи на Барса.

Последниот натпревар на „Бернабеу“ навивачите на Барселона сигурно нема да го заборават затоа што нивниот клуб славеше победа во последните секунди со голот на Лионел Меси кој потоа го соблече дресот покажувајќи им го на навивачите на Реал Мадрид. Сега Барселона има можност првпат во историјата да стигне до две победи на „Сантијаго Бернабеу“ во една година!

Во очекување на денешниот мега дуел, Барселона е лидер во Примера со 42 бода, цели 11 бода повеќе од Реал, но и натпревар повеќе. Каталонците имаат повеќе проблеми со повредени фудбалери. Ќе им недостасуваат Делофеу и Умтити дефинитивно, а под знак прашање се Дембеле, Рафиња и Арда Туран.

Се вчитува...