Реал Мадрид купува уште еден „бисер“ од У21

Реал Мадрид владее со европскиот и со шпанскиот фудбал, но Флорентино Перез сериозно размислува и за иднината. Токму затоа, првиот човек на „кралскиот клуб“ погледите ги насочува кон помлади фудбалери за засилувања, и тоа шпански играчи кои би биле „база“ на Реал во периодот што следи.

Летово од Ајнтрахт е вратен Валјехо, ангажиран беше и Тео Хернандез, левиот бек на Атлетико кој минатата сезона ја мина во Алавеш, а следен на листата на Флорентино е Дани Себалјос. Станува збор за одличен фудбалер за врска кој е еден од најзабележителните на ЕП 2017 за млади фудбалери што се одржува во Полска. Себалјос е член на Бетис, но „кралевите“ веќе ги стартуваа преговорите, кои се близу до реализација.

Како што јавуваат шпанските медиуми, Реал би платил 15 милиони евра, а воедно и би дозволил Себалјос да мине уште една година на позајмица во Бетис, по што овој фудбалер во јули 2018 и официјално би пристигнал на „Сантијаго Бернабеу“.

Со тоа, најтрофејниот шпанси клуб би формирал силна база од млади шпански фудбалери, заедно со Асенсио, Борха Мајорал, Љоренте и Валјехо, кои би биле база за следната генерација на „кралскиот гигант“.

Се вчитува...